Борче Стаменов, основачот на иницијативата „Донирај компјутер“, е добитник на државната награда „Мајка Тереза“ за 2025 година, објави самиот тој на социјалните мрежи, изразувајќи благодарност за номинацијата и најавувајќи го свечениот чин на доделувањето што ќе се одржи на 26 август во Собранието на Република Македонија.
Стаменов е ИТ-експерт и тој иницијативата ја започна од лична потреба да им помогне на практиканти кои вежбале во неговата фирма. Пресвртниот момент се случил кога самохрана мајка побарала компјутер за своите деца. Тоа го поттикнало Стаменов да ја формира „Донирај компјутер“, иницијатива која досега има донирано над 3.500 компјутери низ целата држава, како и целосно опремено 89 кабинети по информатика во македонските училишта.
https://www.facebook.com/plugins/post.php?href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2FProduktivenSarkazam%2Fposts%2Fpfbid0JCF7XYESoCmA3kTgUzKDGDPeyBLu46Jm7XJA8Pcn5qkVN2wkzFmPA4j9tptobTiTl&show_text=true&width=500
„Сакав секое дете, ученик или студент да има приближно еднакви услови за подобро и поквалитетно образование како неговите врсници“, изјави Стаменов во едно интервју.
Целта на иницијативата е да обезбеди барем по еден ИТ уред за секое социјално загрозено семејство. За тоа, корисниците треба да достават доказ за својата социјална состојба, било да се работи за ниски примања, невработеност, самохрано родителство или грижа за лица со попреченост.
Интересот и поддршката за „Донирај компјутер“ со годиниte растат, особено по почетокот на пандемијата, кога онлајн-образованието го откри технолошкиот јаз меѓу децата.
Наградата „Мајка Тереза“ се доделува секоја година за посебен придонес во областа на хуманоста, солидарноста и хуманитарната дејност.
Извор:Слободен печат